Sportske igre mladih

Новости

Кога спортот ги обединува соништата: Официјално отворени Плазма Спортските игри за млади во Македонија
08.05.2026.

Кога спортот ги обединува соништата: Официјално отворени Плазма Спортските игри за млади во Македонија

Денеска на „Плоштад Македонија“ свечено беше отворена првата сезона на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, која станува дел од семејството на најголемата спортско-аматерска манифестација во Европа, која во текот на 30 години од своето постоење обединила повеќе од 3.440.000 деца и млади.

Денеска на „Плоштад Македонија“ свечено беше отворена првата сезона на Плазма Спортските игри за млади во Македонија.

Македонија станува дел од семејството на најголемата спортско-аматерска манифестација во Европа, која во текот на 30 години од своето постоење обединила повеќе од 3.440.000 деца и млади. Плазма Спортските игри за млади уживаат поддршка од бројни светски институции, меѓу кои се УЕФА, ФИДЕ, ФИБА, Европската комисија, Европската Унија, како и бројни спортски федерации и истакнати спортисти.

Право на учество имаат сите деца и млади, не само оние кои активно се занимаваат со спорт. Игрите овозможуваат бесплатен пристап до спорт за секое дете и со години испраќаат силна порака – „Чекор за подобра иднина“. Нивната мисија е преку спортот да ги поврзат младите, да поттикнат заедништво, фер-плеј и создавање здрави животни навики.

Во рамки на Игрите се организираат натпревари во 10 спортски дисциплини: Coca-Cola Cup – турнир во мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамки на Денот на спортот, баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.

Амбасадори на Плазма Спортските игри за млади се врвни спортисти – идоли и промотори на вредностите што ги носат Игрите. На отворањето присуствуваа Предраг Мијатовиќ, Немања Видиќ, Петар Метличиќ, Предраг Даниловиќ и Емир Спахиќ, додека од Македонија амбасадори се Горан Пандев, Кирил Лазаров, Војдан и Дамјан Стојановски, Бобан Илиевски, Дејан Георгиевски, Дарио Ивановски, Филип Кузмановски, Лина Ѓорческа, Игор Стефановски Иџе и Милјана Рељиќ.

Честа да го донесат факелот и да го запалат оганот им припадна на Игор Стефановски Иџе и Дарио Ивановски.

На церемонијата на отворање присуствуваа премиерот на Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска, претседателот на Плазма Спортските игри за млади, Здравко Мариќ, генералниот директор на Пивара Скопје, Огњен Лазиќ, извршниот директ на Шпаркасе Лизинг, Марјан Манчев.

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да го поддржува спортот и да стои позади младите.
„Навистина прекрасна глетка, ова да се види денеска на плоштадот во Скопје, претставува нешто божествено. Мене ми е чест што сум на првата сезона од „Плазма“ спортските игри за млади, убеден сум дека овие денови, овие недели, овие месеци од вашите животи ќе ги паметите цел живот.
Спортувајте, другарувајте, учете затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија.
Ви благодарам и на вас наставниците, професорите што сте тука, а ние како Влада ќе продолжиме да го подржуваме спортот и да стоиме позади младите. Нека е со среќа и нека е со успех и нека победи подобриот“, рече Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски истакна дека Плазма Спортските Игри се повеќе од натпревар, тие се можност секое дете да изгради карактер, да го научи на фер-плеј.
„Почитуван претседател на владата на Република Македонија, проф. Д-р. Христијан Мицкоски, почитувани високи гости, познати спортисти, амбасадори, Драги деца, родители, партнери и пријатели на спортот.
Денес, овде на Плоштад Македонија, не отвораме само уште еден настан. Денес отвораме една идеја – идеја за општество кое верува во младите, во спортот и во иднината.
Плазма Спортските игри за млади се повеќе од натпревар. Тие се можност секое дете да почувствува што значи да се биде дел од тим, да научи што е фер-плеј и да изгради карактер кој ќе го води низ животот. Како Министерство за спорт, нашата политика е јасна: спортот не е привилегија – спортот е право. Право на секое дете, без разлика од кој град доаѓа, какви услови има или какви соништа носи.
Затоа денес не зборуваме само за игри. Зборуваме за систем. Зборуваме за вложување во младите, во инфраструктурата, во училиштата, во локалните заедници. Зборуваме за држава која одлучила да гради здрави генерации.
Овие Игри се доказ дека кога институциите, приватниот сектор и заедницата работат заедно – резултатите се видливи. Сакам да ја искористам приликата да се заблагодарам на Претстедателот на Владата за поддршката која ја дава за спортот и за тоа што верува во спортските вредности.
Тоа е моделот кој ќе го следиме и понатаму. Нашата цел е јасна: да создадеме средина во која младите ќе растат со спортот и да изградиме генерација која ќе биде посилна, поздрава и пообединета.
Пред само 10-тина дена Скопје беше домаќин на Ракометното светско првенство за Ученици од целиот свет. Денес, овде, гледаме уште еден настан кој е многу важен за децата од цела Македонија, заедно, на едно место.
Ова е вистинската слика на нашата држава. Различни, но обединети. Натпреварувачки, но фер. Амбициозни, но со почит. И токму тука лежи најсилната порака на спортот: дека преку играта можеме да изградиме општество со повеќе доверба, повеќе почит и повеќе заедништво.
Драги деца, уживајте, играјте, дружете се. Не е најважно кој ќе победи – најважно е што ќе научите и какви луѓе ќе станете. А ние, како институција, ви ветуваме: ќе продолжиме да инвестираме, да поддржуваме и да создаваме услови за вашиот успех. ИГРИТЕ СЕ ЗАКОН“, рече Ристовски.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска истакна дека мисијата на федерацијата отсекогаш била јасна, да се создава систем кој ќе овозможи на секое дете да има можност да спортува.
„Почитуван претсетдател на Владата на република Македонија, г. Христијан Мицкоски, Почитуван Министер за спорт, Борко Ристовски, почитуван градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, драги гости, амбасадори, Почитувани деца, почитувани наставници, тренери и родители,
Денес е ден кој има посебно значење за сите нас. Денес започнуваме едно ново поглавје за училишниот спорт во нашата држава. Како Федерација на училишен спорт, нашата мисија отсекогаш била јасна, да создадеме систем во кој секое дете ќе има можност да се натпреварува, да напредува и да се развива преку спортот.
Оваа година, преку Плазма Спортските игри за млади, тој систем го подигнуваме на едно повисоко ниво. Натпреварите нема да се одржуваат само на едно место.
Тие ќе се одвиваат низ целата држава, во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Штип, Кочани, Тетово, Куманово, Велес, Струмица и Дебар.
Тоа значи дека илјадници и илјадници деца ќе имаат можност да бидат дел од оваа приказна, да застанат на терен, да почувствуваат што значи тимска игра, и да создадат спомени кои ќе ги паметат цел живот.Нашиот пристап е системски и организиран. Секој натпревар е дел од поширока структура, од локално ниво, преку квалификации, до финални настани, и се до големото финале во Сплит.
Тоа не е само организација на игри, тоа е градење на платформа која ќе трае, ќе се развива и ќе носи резултати и во иднина. Дозволете ми да изразам искрена благодарност: До Владата на Република Северна Македонија и до Министерството за спорт – за поддршката, довербата и визијата.
До Град Скопје – за поддршката на овој голем настан и отворањето на вратите на главниот град за младите. До Плазма Спортските игри за млади – за партнерството и можноста Македонија да стане дел од едно големо европско спортско семејство. До сите наши спонзори и партнери – без кои оваа приказна не би била возможна.
И најважно, до децата. Затоа што ова е ваша сцена. Ова е ваш момент. Драги деца, играјте со срце, натпреварувајте се со почит и уживајте во секој момент. Ова не се само натпревари. Ова е почеток на една нова генерација – генерација која ќе расте со спортот, со вредностите и со вистинскиот дух на заедништво. Игрите се закон“, изјави Елена Мицковска.

Здравко Мариќ,  претседателот на Плазма СИМ им порача на младите да се натпреваруваат и дека наскоро ќе се видат во Сплит.
„Јас ќе бидам краток. Сакам да им се заблагодарам на сите кои што одлучија овие Игри да бидат во Македонија. Благодарност до Премиерот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, до министерот за спорт, Борко Ристовски и Федерацијата за училишен спорт на Македонија на чело со Елена Мицковска.
Драги деца ве повикам да играте, да навивате, големото финале ќе не чека во Сплит. Благодарност до сите спортисти кои се тука, секогаш спортистите нека бидат ваши идоли. Се гледаме во Сплит“.

Како горд партнер, Пивара Скопје со задоволство ја поддржува оваа иницијатива која ги поврзува младите преку спорт, дружење, фер-плеј и тимски дух. Во текот на игрите, илјадници деца ќе имаат можност да се натпреваруваат, да создаваат нови пријателства и да градат незаборавни спомени.
„Во време кога на младите им требаат повеќе можности за дружење, тимски дух и позитивна енергија, спортот останува најдобриот начин да се поврзат и да создадат нешто заедно. Затоа ни е особено драго што Спортските игри за млади за првпта се одржуваат и во Македонија а Пивара Скопје е дел од оваа одлична приказна уште од самиот почеток. Веруваме дека најсилните победи не се само на терен, туку во пријателствата, тимскиот дух и самодовербата што младите ќе ги носат со себе понатаму” изјави Огњен Лазиќ, Генерален директор на Пивара Скопје.

Марјан Манчев, извршениот директор на Шпаркасе Лизинг, потенцираше дека како групација се горди што се поддржувачи на Плазма Спортските Игри во Македонија.
„Почитуван Претседател на Владата, почитуван Министер за спорт, почитувани амбасадори, гости, партнери, а најмногу од сè – драги деца.
Навистина ни претставува особена чест што денес сме дел од официјалното отворање на „Спортските игри за млади“ во Македонија. Како дел од групацијата Steiermärkische Sparkasse, горди сме што и регионално, и во Македонија, сме поддржувачи на оваа голема спортска иницијатива која веќе со години обединува илјадници млади луѓе преку спортот, дружењето, позитивната енергија и фер-плејот.
За нас, ова не е само поддршка на еден спортски настан. Ова е поддршка на младите, на нивните соништа, на нивната енергија и на вредностите кои спортот ги создава – тимски дух, дисциплина, почит, самодоверба и истрајност.
Токму затоа, поддршката на младите, спортот и здравите животни навики е длабоко врежана во нашите стратешки определби и во нашето општествено делување. Веруваме дека секое дете заслужува можност да спортува, да се дружи, да расте и да верува во себе.
А вам, драги деца, ви посакувам пред сè добра забава, многу насмевки, нови пријателства и незаборавни спортски моменти.
Натпреварувајте се со срце, уживајте во секој момент и секогаш верувајте во себе, затоа што сите ние веруваме во вас, во вашиот талент, во вашата енергија и во вашата сила да градите успеси и убава иднина.
Нека ова лето биде исполнето со спорт, радост и убави спомени. Нека започнат Игрите“, изјави Марјан Манчев.

 

Скрол