„Сарај“ и „Тигрици“ се државни победници во Coca-Cola Cup
Победниците од Државното првенство ќе ја претставуваат Македонија на големата меѓународна завршница, која ќе се одржи во Сплит од 17 до 22 август.
Македонија успешно ја заврши првата сезона на Плазма Спортските игри за млади. Вкупно 1.179 деца се натпреваруваа во Coca-Cola Cup 2011: 969 во машка и 210 во женска конкуренција.
Особено сме горди на женската категорија, која е дел од големата кампања за промоција и развој на женскиот фудбал, што Плазма Спортските игри за млади ја реализираат во соработка со УЕФА.
Финалните натпревари во машка и женска конкуренција во Coca-Cola Cup 2011 ја донесоа вистинската возбуда. Сите бевме сведоци на одличен фудбал, исполнет со фер-плеј, спортски дух и голема борбеност.
Во машкото финале се сретнаа екипите на „Сарај“ и „Арсенал“. По голема неизвесност, победата ја однесе тимот на „Сарај“, кој за нијанса беше подобар од својот противник. Сите учесници на државното финале испратија порака дека Македонија има светла фудбалска иднина, а „симовците“ воодушевија со своите мајстории. Како што наближуваше финишот, така воздишките беа големи.
Пехарите и медалите на најдобрите им ги додели Снежана Савиќ Димовска, директорка за корпоративни работи и одржливост во Пивара Скопје.
Пласман – машка конкуренција:
- Прво место: „Сарај“
- Второ место: „Арсенал“
- Трето место: „Царина во напад“
Возбудливо беше и во женската конкуренција, каде што видовме многу емоции, солзи радосници, но и на момент солзи после загубената битка за шмпионскиот пехар. Во крајно неизвесно финале, „Тигрици“ ги победија „Њу Старс“ и го освоија златниот медал.
Пехарот на победничката екипа, како и медалите и признанијата за останатите учесници, ги додели градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Пласман – женска конкуренција:
- Прво место: „Тигрици“
- Второ место: „Њу Старс“
- Трето место: „Лозово“
Победниците од Државното првенство ќе ја претставуваат Македонија на големата меѓународна завршница, која ќе се одржи во Сплит од 17 до 22 август.
Плазма Спортиските игри за млади за првпат оваа година се одржуваат во нашата земја. Станува збор за едно од најголемите аматерски натпреварувања во Европа чија главна мисија е бесплатен спорт за секое дете.
ИГРИТЕ СЕ ЗАКОН!



