Ѓорче Петров, Неготино и Аеродром со единствена порака за „симовците“ во Сплит
Победниците од првото Државно финале во рамките на Плазма Спортските игри за млади утре патуваат за Сплит, градот домаќин на големата меѓународна завршница.
Уште два дена остануваат до стартот на големата меѓународна завршница на Плазма Спортските игри за млади, која од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит.
Македонија за првпат ќе има свои претставници на едно од најголемите аматерски спортски натпреварувања во Европа, кое оваа година одбележува 30 години од своето постоење. Мисијата на СИМ е единствена – бесплатен спорт за секое дете.
Општините чии екипи и спортисти триумфираа на Државното финале овие денови им посакаа среќа на младите спортски надежи, потсетувајќи ги на вистинските вредности на спортот, пред сè на фер-плејот, дружењето и почитувањето на противникот.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, оствари средба со ракометарките на „Астра“ и им посака успешен настап на меѓународната завршница.
Среќа на СИМ им посака и градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, која ги испрати кошаркарките со порака за достојно претставување.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на македонскиот победник во тенис му посака нови победи и успешен настап во Сплит.
Македонските претставници сега ги прават последните подготовки пред заминувањето на големата завршница, каде што покрај спортскиот резултат, најважни ќе бидат дружењето, новите пријателства и промовирањето на вистинските спортски вредности.

